Skip Navigation LinksПочетна / Медиа / Детали за новост

Успешно реализиран прв интернационален форум од областа на Поглавје 20

25.04.2019

 

 

Од 18-19 април 2019 година, во Хотел Арка, во Скопје се одржа првиот Интернационален форум на тема „Интеграциите во Европската унија и реформскиот процес на преговарачкото поглавје 20: Претпријатија и индустриска политика“.

На форумот зедоа активно учество претставници од 7 земји: Македонија, Словенија, Хрватска, Бугарија, Албанија, Црна Гора и Босна и Херцеговина.
Учествуваа над 95 учесници од кои претставници на Владите на земјите учеснички, Министерствата за Економија, граѓанскиот сектор, Европската мрежа на бизнис можности, стопанските комори на земјите учеснички, кластери, универзитети, компании, експерти во областа на поглавје 20 и останати релевантни претставници на национални и регионални инстиуции.

Во состав на форумот се дискутираше на панел сесиите за подобрување на политиките и програмите на Поглавје 20, улогата на граѓанскиот сектор, унапредувањето на регионалната соработка, но се разменија и добри практики на интернационално ниво и се донесоа конкретни заклучоци и препораки.

Дел од препораките и заклучоците за ефикасно подобрување на политиките и програмите за МСП и индустријата се однесуваа на создавање на поконкурентна индустрија на иновации, инвестиции и паметна специјализација во секторите кои имаат најголеми предности. Беше заклучено дека е потребен регионален економски пристап и заедничко застапување од страна на актерите од регионот од областа на конкурентност и иновации за тоа каде ќе се лоцираат средствата од ЕУ. Исто така се заклучи дека е потребно да се обезбеди поголема стабилност на државните институции и зголемена ефикасноста на администрацијата, како и да се креира деловен амбиент кој ќе ги ослободи бизнисите за развој и конкурентноста, да се усогласи образовниот систем со потребите на деловниот свет, да се отстранат царинските бариери за зајакнување на соработката во регионот и подобро да се поврзат државите од регионот со помош на ИКТ секторот.

Дополнително, во рамки на форумот се одржаа и средби за вмрежување помеѓу граѓанските организации, институциите и компаниите од регионот со цел остварување на соработка и склучување интернационални партнерства. 

Интернационалниот форум се реализира во рамки на проектот „Јакнење на капацитетите и механизмите за поддршка на реформскиот процес на Поглавје 20“, финансиран од Европската Унија преку ИПА програмата за поддршка на граѓанското општество и медиуми 2015 и претставува прв форум на интернационално ниво од областа на преговарачкото Поглавје 20 во Македонија.
 
Имплементатори на проектот се Фондација за Претприемачки сервис за млади, Фондација за Менаџмент и индустриско истражување и Здружение за рурален развој „Јавор“.
 
Проектот започна со реализација во месец мај 2017 година и ќе трае до мај 2019 година.